„Марков манастир“, винарница „Сковин“,

„Марков манастир“, винарница „Сковин“,

(Марков манастир, вранец,  винарница Сковин, скопски вински регион, берба 2011, 12,5 % алкохол, цена 590 денари)

За  главната македонска сорта „вранецот“ секогаш се поставувало прашањето за тоа како да се скроти оваа бујна сорта, издашна, богата  со танини… Ја мешале со други сорти, но бесниот „вранец“ се некако се поставувал во прв план, грабејќи им ја славата на другите, земајќи им од карактерот, од квалитетот. Со години нашите  винари како да се научија да се однесуваат со него, почнаа да го негуваат, да го галат, за да  се натера на послушност, на елеганција.

Во тоа, на радост на винската јавност се успева. Се појавија „вранци“ кон кои се за респект. Некои од нив добиваат и престижни награди, дури и најголеми. Еден од  најдобрите примери за ова „дресирање“  е секако  „Марков манастир“,„вранецот“ на „Сковин“. Тоа е едно сосема посебно вино. На примерот на „Марков манастир“ се покажува токму посакуваниот пристап кон оваа сорта која многумина ја сметаат како главен адут во големата игра наречена врвно винарство.

Грозјето за „Марков манастир“ е добиен од лозјата кај  скопскиот Марков манастир, на локалитетот Четири патишта, на јужните падини на планината Водно. Ова е првото вино кое е произведено на тој начин, од контролирано и гарантирано потекло, од специјални насади. Тоа значи дека ова е македонски пандан на grand cru, славната  француска ознака на најголемите  избрани вина.

Виното е од стонастотен „вранец“, од лозја стари и преку 30 години што додатно ја потврдува интенцијата да се направи врвен, смирен вранец зашто со стареењето на лозите сортите добиваат на квалитет, танините се стабилизираат, има одличен баланс кај шеќерот, а дозволува и подоцна берба со што се добива на квалитет на грозјето. Се разбира грозјето се бере рачно и после мелењето 48 часа се подложува на таканаречена ладна мацерација, што е постапка за добра екстракција на аромите. За ферментацијата се користат најдобрите специјални квасци кои инаку се употребуваат за вина кои се наменети за долго чување. И да не ги откриваме сите тајни зашто уште неколку процеси се изведуваат за да се постигне она што го добивате во шишето кое ќе биде најдобро после  6-7 години од бербата, а треба да остане во кондиција и кога ќе наполни 15 години.

„Марков манастир“ е вино кое остава добар впечаток. Тоа е смирено, глатко, без груби нијанси, киселините се апсолутно сталожени, со избалансиран процент на алкохол. Кога ќе почувствувате извесна слатка црта, тоа не е од шеќерот туку од глицеролот кој е заслужен и за нијансата на путер, која пак е многу, многу допадлива. Ова вино е заокружено со сите свои елементи, а терцијалните ароми се истакнуваат. Одлично би се сложувало со повеќе видови месо, но не презачинето или со јаки сосови. На ова вино му треба добар партнер, смирен и  хармоничен. Врвното вино бара и таква храна.

А.Шољаковски.