„Барово“ црвено, винарница „Тиквеш“

„Барово“ црвено, винарница „Тиквеш“

(Барово црвено, винарница Тиквеш, асамблажа од кратошија 85% и вранец 15 %, регион Барово, берба 2012, 14,5 % алкохол, цена 950 денари)

Ретки се вината кои се наметнуваат уште на стартот. Со  две три берби „Барово“ успеа да се постави како сериозно вино со голема перспектива, она за што се работи и сонува со години. Барово се сместува во редот на најпрестижните македонски вина со идентитет и посебност. За тоа редовно добиваат и врвни светски признанија.

Под вештината на умеењето на винскиот гуру, Филип Камби, оваа асмаблажа стана возможна и ја открива разновидноста и богатство кое  ја чинат двете веројатно најпроминентни сорти од ова подрачје.

Има барем неколку елементи зошто „Барово“ се издигна и како парадигма на посебноста на теруарот.

Висорамнината Барово се наоѓа на надоморска височина од 600 до 650 метри  покрај течението на Бошавица, со иделна (голема) промена на дневноноќните температури што се смета за иделен придонес за ароматското богатство на виното. Со слаби, но задоволувачки врнежи, со 120 до 150 сончеви денови во време на вегетацијата, тоа се услови за големи вина. Тука постојано има некој благ провев, природна свежина која доаѓа или од реката или од грандиозниот Кожув. Лозјата се под големи косини, теренот е глинен, богат со карбонати.

„Барово“ се добива од единственото лозје од некои 7-8 хектари, старо 35 години, со значајни редукции на родот. Од хектар едвај да се добиваат 2.500 илјади литри течност. Затоа Барово се пакува во само 26.000 шишиња. Бербата е рачна, во мали гајби кои веднаш се ставаат на ладно, на некои 4 степени целзиусови.

Барово после феремнтацијата одлежува во дабови буриња, но овојпат не класичните бордо барик од 225 туку во буриња од 228 литри, какви што се користат во Бургундија.

Барово е снажно вино. Не само по алкохол (14,5%) туку и по сите други својства. Тука ќе најдете црни шумски плодови и што уште не. Ќе можете да ги почувствувате фините танини и да се воодушевувате со долгиот финиш. Ова вино се памети по сите својства. И затоа е посебно.   Балансот се достигнува доколку го декантирате половина час до час пред пиењето. Се пие на 16 до 18 степени.

Снажното вино бара  и снажна храна. Јагнешко, прасечко, јарешко, дивеч, се измислени за ова вино. Добар бифтек би бил идеален. Турлитавата топло се препорачува.

Добрите големи вина ја имаат таа моќ да се врежат во сеќавањето, по мирис, потоа и по вкус.  Ако го засакате виното „Барово“ не може да ви лизне од сеќавањето, зашто се работи за големо вино  со голема иднина.

А.Ш