Вино и музика

Вино и музика

Во чест на Свети Трифун и на Денот на вљубените Винарницата ТИКВЕШ,  како спонзор на Македонската  Филхармонија,  организира посебен концерт посветен на овие празници. И тоа не е случајно, зашто музиката и виното секогаш оделе заедно.

Врската помеѓу виното и музиката е голема, повеќезначна и комплексна. И тоа е така низ целата историја на виното и музиката. Создавањето на виното и на музиката почива пред се на хармонијата. Кај музиката тоа се звуците, кај виното- состојките. Ако на ова  ја додадеме и хармонијата при спојувањето на храната со виното, сликата станува покомлетна.

Талентот, познавањето, студиозноста , трудот, инспирацијата, тие  се во основата на создавањето на едно дело од музиката. И на виното исто така. И двете дејности користат ист јазик. Двата „производа“ се хумана креација. И што е најважно, да не постојат, светот би бил многу посиромашен.

Аналогијата помеѓу уметноста во виното и во музиката оди и понатаму. И едната и другата уметност  се базираат на страста на создавањето.

За некое вино велиме дека е хармонично, ако е врамнотежено,  доколку сите негови елементи ги има колку што треба и тие меѓу себе чинат склад. Кај музиката тоа е науката за акордите, комбинацијата  на изборот на нотите кои му го даваат генералниот карактер на музичкото дело. Лошо избалансираното вино каде што некои состојки се наметнуваат врз другите, ќе се спореди со лошо аранжирана песна.

За виното и музиката се користат истите епитети-маестрално, поттикнувачко, нежно, рамно, турбулентно, страстно, хармонично… а истите тие епитети можете да ги користите и во негативна конотација-слабо,грубо, здодевно, рамнодушно…

Ако пиете добро вино тоа вино ќе го запаметите. Исто се случува и со добрата музика, песна. Тие остануваат во нашите глави. И виното и музиката се дегустираат на сличен начин, прво со срце, со сетилата, потоа и со мозокот. Не случајна е досетката: кажи ми што музика слушаш, па ќе ти кажам какво вино пиеш. Или обратно.

Пријатното расположение го носат и виното и музиката. Колку ли песни се испеани на тема на уживање во виното, колку рокери пееле за виното , а за фолклорот и да не зборуваме.  И во кафеана  дертот не е комплетен ако со виното нема и музика.

Не  е случајно што во светот има еден куп музички манифестации врзани со виното или поддржани од винските  асоцијации и големи производители. Постои фестивал наречен Од Бах до Бахус,  Џез во лозјата… Големи вински подруми благодарејќи на акустичноста се корисат како концертни сали. Да не зборуваме за оние фамозни производители во Бордо, Шампањ или Бургундија кои организираат музички семинари и креативни музички работилници во своите домени.