Вински чаши

Вински чаши

Сте се запрашале ли зошто денешните вински чаши се такви какви што се. Високи, со задолжителна ногарка, со овална форма која се стеснува кон врвот, најчесто без шари и апликации, од тенко стакло. Овој вид чаши стана безмалку  задолжителен, иако како и кај секој тренд има претерувања, во волуменот особено.

Винските чаши не биле секогаш такви. Низ историјата  се пиело најчесто од метални пехари, а стаклото се појавува некаде во 14 век. Први стаклени чаши почнале да произведуваат  Венецијанците на фамозниот  остров Мурано. Тие ги промовираат  стаклените прозрачни чаши со ногарка. Овие чаши ги заменуваат дотогашните метални пехари. Оваа нивна инвенција ја почитуваат Англичаните кои го измислуваат кристалното стакло. Ваквите чаши во 17 век брзо се шират низ Европа.

Формата на овие чаши имаат и една мошне важно историско оправдување. После бројни меѓусебни труења кај француските аристократи, во 17 век етикецијата наметнала правило кога се нуди, подава вино, чашите да се држат строго за ногарката за да се елиминира можноста скришум да се уфрли отров во пијалокот. Тоа значи дека чашата со ногарка во почетокот е користена помалку заради гламур отколку како предострожност.

Сè до пеесеттите години на 20 век чашите се декорираат со орнаменти и бои, златни апликации особено на работ (што воопшто не се препорачува). Во 1950 година се појавува сега веќе фамозниот Клаус Ј. Ридел, австриски  стаклар чии чаши се веднаш прифатени од  врвните познавачи и дегустатори на вино. Неговите чисти форми, без апликации, од најтенко стакло, со долго тело и висока ногарка наишле на широк прием. Ридел (или Ридл) со своите чаши понудил совршена форма за перцепцијата на алкохолните пијалоци, особено на виното. Тој  ја креира  првата гама чаши за вино, базирани врз карактерот и стилот на вината.

Овие негови креации подоцна се потврдуваат и со решенијата на  француските  официјални институции за вино кои формата на Ридл ја нормираат како  задолжителна во официјалните професионални дегустации. Денес овие чаши се вистинските алатки за професионалците, но се наоѓаат и во најширока употреба. Модификациите на овие форми се разликуваат од  регија во регија но концептот е ист. Производителите  на вино организираат  компаративни  дегустации за да се  процени влијанието на формата  врз органолептичките особини на виното. Особено за тоа колку формата има влијание врз дегустацијата и „развојот“ на виното во чашите.

Според сега веќе традиционалниот начин на дегустација, беспрекорно чистата чаша треба да се држи за ногарката  или за постаментот за да се исбегне  оставањето отисоци од прстите на  стаклото од  телото што не е баш естетски. Потоа , на овој начин најдобро ќе ја видите бистрината и колоритот, што е еден од главните елементи во дегустацијата и доживувањето на виното (покрај аромите и вкусот). Освен тоа со вакво држење се избегнува  загревање на виното со прстите или дланката. Виното се држи за ногарката кога се  врти течноста во чашата за да се „проветри“ виното, што е задолжителна  постапка во дегустацијата за да се ослободат аромите.  И на крајот, при наздравување со удирање на чашите, звукот на стаклото (осбено ако е кристално) е многу поефектно.

Сите овие елементи нема да го направат виното подобро, но тоа се постапките како да се стават во полна вредност одликите на виното, бојата, аромите, силата и повеќелојноста.