Шприцер

Шприцер

Доаѓате до големи пречки да пишувате за некои аспекти на консумација виното кај нас, и да останете доследен на својата средина, но и да ја признаете реалноста.

Дали виното и водата одат заедно? Според строгите правила на винската етикеција – не одат! Во некои средини се смета за непристојност, вински ерес, културолошки испад. Иако според историски сознанија дури и на оние баханални гозби во античкиот Рим, виното се мешало со вода! Но, тогаш велат историчарите техологијата и вкусовите биле поразличнии.

Од друга страна, пак, кај нас шприцерот се има изборено за своја гастрономска посебност. Нема замена за десетка со кромид и шприцер! Кај нас шприцерот е влезен и во жаргонот: ладен како шприцер! Незаменлив опис и замена за она се поприсутно cool .

Шприцерот се нарачува како намештај – два децилитри вино со два децилитри сода или сега веќе мало шишенце минерална газирана вода. Потоа и како попо (пола литар вино со пола сода/кисела вода). А кики пак е варијантата со литар, или кило со кило!

Веќе одамна не постојат сифони со сода. Поновите генерации и не виделе што е тоа, го сметаат за чуден антиквитет.

Не случајно во нашите краеви најзастапена сорта на винова лоза е смедервката која е без конкуренција во подготовката на шприцерот.

Шприцерот и покрај се не е балканска измислица.Потекнува од времето на некогашната Авструнгарска монархија и се проширила на скоро сите околни земји во состав на големата империја. Шприцер се пие од северна Италија до Полска , Романија , Чешка, Словачка, Украина и во земјите од бивша Југославија.

Препорака: може да правите шприцер и со розе вино, а се меша во чаша од два децилитри. Чашата мора да биде од тенко стакло. Подобро лизга!?

Има една убава анегдота за еден наш кој се оженил со Французинка. При првото одење во сватови, на младоженецот му било понудено некое добро вино, чувано за приликата. Го пробал и од шише минерална вода од пред него си формирал шприцер. Катастрофата се подразбира, а зетот и тестот никогаш нешто не се засакале.