Дипломатска војна за името на …

Дипломатска војна за името на …

Нема само Балканот проблем со имињата, такви спорови се водат и на други места. Но за многу поинакви прашања. Познат е, на пример, вековниот спор за потеклото на вотката. Пољаците тврдат дека тоа е нивен пијалок , создаден во Полска, а Русите им го присвоиле.
Сте слушнале ли за ракијата писко? Ако не сте чуле досега, тоа е ракија добиена од грозје, многу популарна во Латинска Америка особено. Но на ова име претендираат две земји Перу и Чиле. И од двете земји (соседни, се разбира) се тврди дека тие се оригиналот , а другите фалсификат. Спорот се проширува и трае. Еден аргентински историчар изадал и книга со наслов Ел писко. Врз база на долги истражувања тој се обидува да стави крај на расправата за тоа чија е ракијата писко. Историчарот изнесува еден чилеански документ од 1773 година во кој се зборува за писко и тоа цел еден век пред Перунаците воопшто да го употребиле истиот термина за својата ракија. Според оваа студија писко е значи чилеански. Дури се изнесуваат на виделина етикети од 1882 година за да ги побијат оние на Перунаците кои носат датум најрано од 1922 година. Но Перуанците не остануваат должни и тие потегнале документ од 1613 година во кој се говори за триесет садови ракија. Но Чилеанците одговараат дека тоа е некоја друга ракија но не и писко ракијата. Перуанците враќаат – областа Писко се наоѓа во Перу и затоа се тие автентичните. Расправата е страствена. Така , на пример некоја чилеанска тв новинарка заради тоа што го употребила терминот писко од Перу, веднаш добила отказ!
Расправата трае. Настрана националистичките тонови, оваа дипломатско алкохолна војна има и силен економски момент. Чиле е далеку поголем производител и прави 36 милиони литри писко, а Перу само 9 милиони. Освен тоа во Чиле ракијата се пие десетпати повеќе. Конкуренцијата е жестока и заради извозните погодности. ЕУ и САД го признаваат писко од Перу, а тоа им отежнува на Чилеанците, зашто и латиноамрекинаските земји се понаклонети кон тврдењата на Перу.
Сличностите со некои балкански спорови се евиеднтни. Заменете ги само имињата и земјите се друго е исто. Но настрана оваа балканскојужномериканска мешаница не го спречува Чиле да биде најголемиот купувач на писко од Перу!
Инаку писко се пие најчесто во коктели според оригиналниот рецепт кој се почитува и во Перу и во Чиле: четири дози писко, една доза со сируп од шеќерна трска, една доза сок од зелен лимон, една белка од јајце, се тоа изматено во шејкер, со четири коцки мраз.