Празнувања на новото, младо вино

Празнувања на новото, младо вино

Ноември е месецот на младите, нови вина од годинешнава реколта. На многу места во светот, во винските региони се покажуваат и се служат новите млади вина. По правило, во третиот четвртоко од ноември , овојпат на 17 се промовира и новото Божоле, младото вино кое го освои безмалку целиот свет.

Всушност, првите стасани вина за познавачите и љубителите се и своевидно предвудување и потврда за тоа дека вината, уште млади нудат податоци за тоа какви ќе бидат кога ќе дозреат. Славењето на новото вино има своја долга историја. Во антички времиња нимфите на лозјата (на старите артефакти се нацртани со змиски опашки) според митологијата, го празнувале новото вино на почетокот на годината. Винарите во античка Грција ги отпечатувале амфорите во време на празниците на цвеќето, а во чест на богот Дионис.

Во античкиот Рим винарите правеле вино од уште зеленото грозје, наречено vinum preliganeum. Ова вино од недозреаното грозје се пиело за време на бербата. Тој напиток бил кисел и имал вкус на непровриено вино.
Во светот има многу манифестации од локален карактер кои го одбележуваат денот на новото младо вино. Некои од нив се комерцијални, а некои се со манифестационен, празничен каактер.

Во комерцијалните настани најголемо е претставувањето на Новото вино од Божоле, француската винска област. “Пристигна новото Божоле” е мотото на оваа манифестација која во последниов половина век доби безмалку планетарен карактер. Ова ново вино “пристигнува” редовно во третиот четврток од ноември и се извезува во над 90 земји во светот. За кратко време се пласираат преку 50 милиони литри вино што е безмалку половина од вкупното производство на областа Божоле. Ова вино нема амбиции да потрае, туку се консумира за кратко време. За ова вино се расправа, се оценува, се споредува и тоа е дел од настанот и празнувањето.

Во сличен ранг во светот се и оние вина кои наместо нови се именуваат и како примарни, или првични, некаде како млади или годинешни. Во Франција тоа се vins primeurs, во Шпанија vinos jovenes, во Италија vini novelli. Тоа се вина кои се консумираат два месеци по реколтата, односно два месеци од ферментацијата и тоа не се вина кои се чуваат. Некои од нив се појавуваат уште кон крајот на октомври.
Овие вина се елаборирани со краткотрајна мацерација од цели зрна грозје која трае само три дена. Тоа овозможува да имаат убава боја и проѕирност. Оние пак вина добиени со полукарбонска мацерација, ослободуваат интензивни ароми на ситни црвени овошја (цреша, јагода, боровинки, рибизла). Имаат посебна киселкаста свежина.
Комерцијализацијата на новото вино во економска смисла има одредени предности, зашто се смалуваат трошоците за складиштење пред сè. Од друга страна, пак, ваквата ориентација на некој начин може да фрли сенка на основното производство на квалитетни вина.

Во Франција има прослави кои претходат на Новото Божоле. Во областа кај Источните Пиринеи, во винската регијат Русијон, кај границата со Шпанија се одвиваат богати свечености за одбележувањето на новото вино кои се случуваат во третиот четврток на октомври. Со фанфари се најавува новото вино во таканаречената “Ноќ на првите вина”. Сè е проследено со многу музика и уште во 18 часот на тој ден низ улиците на историскиот град-тврдина Перпињан, започнува прославата. Таа се одвива и во винските барови, во винските подруми, кафеаните. Винарите ги пречекуваат гостите и им нудат да ги испробаат новите вина. Атмосферата е срдечна и мошне жива. Се пие новото вино со познатите сувомесни производи од регионот, со сирења и скари. Настапуваат џез групи, се свири самба, боса нова, блуз и фламенко. Низ улиците на Перпињан оваа прослава се одвива уште од осумдесеттите години на минатиот век. Во тие денови се поставуваат триесеттина винарски штандови, се нудат вина за дегустации, винарите се во директна контакт со љубителите на виното, се разговара за винарската професија и винарите го бранат она што го направиле. Велат дека едена од причините за големиот прогрес на вината од оваа регија се и овие јавни собирања и контакти со потрошувачите.
Вакви манифестации во слава на новото вино се одржуваат безмалку низ сите француски вински региони исто како и во Шпанија, Италија, Португалија…

По масовноста и долгата традиција се издвојува прославата на новото вино во винската област Алзас. Таа е врзана со прославата на Свети Мартин (11 ноември) време кога, теоретски, се сметало дека завршува процесот на ферментацијата на виното. Уште во тоа време новите вина наречени Neier Siasser се пиеле, а се мезеле ореви и се сметало дека тоа е мошне лековито. Во денешно време традицијата е помалку врзана со Свети Мартин, зашто најголемите трговски зделки за новото вино се прават уште во октомври. Не изостанува и гастрономскиот дел. Младото вино се доживува како празник и традиционално се пие во големо друштво на на големи софри, и натаму се мезат ореви, но и сланина и селски леб.

Освен популарните први или нови вина, во фамозната област на Бордо постои и разработен пазар на купување вина додека се уште во фаза на изработка. Добрите познавачи после сознанијата за првичните вина, веднаш ги купуваат на анагро, уште во фаза на винификација, доколку ветуваат добар квалитет во иднина. Договорите се прават така што датата на испорака договорно се утвдува. На пример, виното од оваа реколта (2016), ќе се испорача во 2019, кога ќе се завршат сите процеси на елаборација. Тоа е своевидна лотарија , но кога купувачот знае и познава вино, заработките се големи затоа што ако е виното од таа реколта се покаже како успешно, ценат му расте, а ако е некоја посебно добра година и енормно. Оваа пракса не е нова и на пример, кај фамозните вина од Бордо, таа се одвива веќе 200 години и веќе постои класична берза на која се котираат овие вина.

На 19 и 20 ноември Винарницата ТИКВЕШ ќе ги промовира своите млади вина од годинешната реколта. Фестивалот на младо вино со тек на годините стана традиционален прзаник, во чест на новото, младо вино. Тие денови многубројните пријатели и гости на Винарницата ТИКВЕШ во Кавадарци, ја имаат можноста за првпат да ги вкусат новите вина од реколтата 2016. Оваа манифестација е позната и како Мартиново.