ЛАЗАР-Три задоволства на едно место

ЛАЗАР-Три задоволства на едно место

Во современ маркетиншки манир Винарницата Лазар би можела да се промовира како „три во едно“. Во оваа винарница добивате најмалку три уживанции на едно исто место. Можете да дегустирате врвни вина од гамата од 23 етикети кои тука се прават. Со нив оди и извонредна храна во првокласниот ресторан. Да не бидеме здодевни, на менито ќе најдете одлична храна која оди со извонредните вина. И дека е тоа работа на познавачи на спојката помеѓу виното и храната. На крајот, кога ќе ги задоволите вашите густативни пориви, можете да преноќите во некој од седумте соби од екстра класа.

И се тоа се случува насред дивината, само беспрекорно одгледувани лозја. И тишина. Паркот и вегетацијата околу хотелот и винаријата се беспрекорно негувани. И тоа не е се! На неколку стотини метри од винарницата се наоѓа археолошкиот бисер, античкиот град Стоби. Посетете го, има што да видите.

До Лазар лесно се пристига. Треба само да скршнете од автопатот кај Стоби. Фасади на објектите се впечатливи, изведени, во камен. Се е беспрекорно чисто, средено, поткастрено, осмислено.

На овој простор три во едно или четири во едно, или лицитираме до 5 во едно (ако се додаде и природата), може само да бидете восхитени..

И не е чудо оваа земна убавина, како би рекол поетот, инспирирана и остварена од спритус мовенсот на сета ова направија, со име Лазар и презиме Ристов. Повнимателните проследувачи на движењата во македонското винарство веднаш ќе се присетат дека ова име го имаат сретнато во последниве деценија-две откако откако се подигаше винарницата Фонко, потоа и Сопот, тогаш омилена дестинација на скопските вински друштва. Економист по диплома, винар по вокација, семејството неготинско, се разбира и по традиција винарско.

На десет хектари сопствени насади и со уште 25 кооперанти или соработници, како што ги нарекува, од оваа винарница излегуваат преку 200.000 литри вино од најразлични типови и стилови. Лазар е безмалку единствениот кој прави пенливи вина во посериозна продукција. Изборот е богат :тука се Pearl sparkling brut i Pearl sparkling rose, како и Pearl blanc de blanc и Pearl blanc de rose, работени по шармат технологија, со две ферментации.

Лазар го обновува и сеќавањето на некогаш проминентната сорта кај нас позната како белан, на грашевината, сира, вранецот, пино нуар кои и денес се мошне популарни кај нашите љубители на вино. Тука се и деликатните Минерва од шардонето добиено од насадите на познатиот локалитет Лепово брдо, како и асамблажата од шардоне и малвазија. Богатството од 23 етикети едвај да се наброи. Од тука секоја година излегуваат 200.000 литри вино главно во шишиња. И многу во извоз. И тоа нема да биде лимитот.

И не случајно Лазар преку цела година има бројни посетители, странски и наши, од оние на минување, но и редовни фанови на вино, добра храна и амбиент. Ова место станува дестинација на винските ентузијасти и пробирливи вински љубители.

Велиме не е чудо што Лазар се избори за свое високо место на винската сцена. А споено со умеење и маркетиншка презентација, со одлично обликуваните етикети, меѓународните признанија на врвни саеми и натпревари, тоа место го заслужува во целост. Би требала цела пописна листа. Но да ги споменеме само златните и сребрените одличја од престижните Mundus Vini или Decanter.