Македонската винска приказна останува ненапишана

Македонската винска приказна останува ненапишана

Секој кој малку повеќе се заинтересирал во винските волшебства, кој навлегол во некоја поодмината фаза на винското уживање, мудро ќе заклучи дека, покрај добротo грозје од добро лозје  со соoдветна почва и добра берба, а се разбира во добри садови и добар мајстор, за виното мора да има и винска прказна. Без разлика кој што под тоа подразбира.

И навистина, сите  фамозни, но и обични популарни вина со одредена традиција, се врзуваат со некоја приказна, мит, традиција, фама, историја… Нема правила. Важно е  оваа приказна да лепи на уво, на душа, на расположение… И притоа не мора да биде  вистинита. Зашто има приказни сврзано си некое вино кои се класични крими трилери, историски конструкции, легенди со волшебства, самовили, змејови.  Се снимаат долгометражни филмови врзани со виното. 

Кај нас и покрај неверојатниот подем на модерно винарството, во последниве едвај  дваесет години, виното не успеа да се поврзе со некоја приказна, па дури и како сеќавање, попатна белешка, врска со природата, почвата, воздухот. За виното освен комерцијални пораки слушаме само за проблеми со откупот, цената или кога градот ќе ги столчи лозјата, а мразот ќе ги замрзне. За  виното се зборува исто како и за житарките, пиперките… А не се исти. Виното има и друга димензија, се врзува со разни прилики, се пие и во посебни околности, се наздравува и слави  значајни настани, па зато му треба и повод и оправдување. И да не заборавиме зад виното секогаш има и некоја историја. Кај нас приказна има само за Т’га за југ, можеби. И толку. Сигурно има и други, но за нив не сме чуле.

Пред десеттина години правев репортажи за неколку семејни винарии за магазинот Капитал. Верувајте, во секоја од тие винарии имаше  зародиш, тема, случка која комотно може да се  претвори во винска приказна. Тоа беа  семејни приказни, од рецептурата на некој дедо, до  локацијата  на лозјата. Сигурен сум дека со малку труд, инвенција, фантазија, за многу вина може да се врзат интересни приказни. Зашто виното не е само за “ај наздравје”. Заслужува и нешто повеќе. Не случајно се прават вински туристички тури, сообраќајат и вински возови, се организираат фестивали, со музика и поезија, храна…

 Во недостаток на наши приказни  на порталот invinoveritas.mk повремено ќе објавуваме некои приказни за виното од светот.

А.Шољаковски