Вински теми

Вински теми

Изборот го правите сами

Ви препорачавме, вие самите да бидете главниот судија за тоа што е добро вино. Во формирањето на тој суд треба да се водите од конститутивните елементи на виното

Овој текст е за оние кои навистина сакаат да влезат во тајните на виното. Рековме, стандардите според кои се утврдува квалитетот на виното се слениве: рамнотежата, развлеченоста, сложеноста, длабочината, и типичноста.

РАМНОТЕЖАТА се утврдува помеѓу трите најважни компоненти на виното-слаткоста, киселоста и танините. Четвртата, мошне важна компонента, е алкохолот. (Заради него впрочем многумина и сакаат да пијат вино.)

Рамнотежата, балансот, ја прави меѓусебниот однос на овие четири компоненти. Велиме дека некое вино е врамнотежено, избалансирано, доколку ниедна од овие компоненти не е премногу изразена. Тоа не значи веднаш дека некое вино доколку има јасен танински вкус, ако е горчливо или трпко (ви го собира непцето), е изразито танинско. Можеби во некоја констелација на вкусови и ароми винарот нашол за сходно дека тој стил, тој тип вино, бара поголема танинска изразитост. И ако е направено добро, тогаш и виното е добро.

Тогаш се јавуваат и проблемите од лична природа. Имено многу луѓе кои не сакаат кисело или трпко посилно ќе ја почувствуваат киселоста или танинот и ќе го сметаат виното за неизбалансирано. И тоа е така и точно за оној кој така ќе го почувствува. Затоа постојано и истакнуваме дека виното е строго индивидуална работа и дека изборот го прави секој посебно. Професионалните дегустатори имаат повеќе знаење и кај нив личните наклоности се потиснати кога даваат суд за некое вино.

Внимавајте, танинот и киселините му даваат на виното посилен вкус, поизразит, а алкохолот и шеќерноста го смекнуваат.

РАЗВЛЕЧЕНОСТ. За виното кое ги погодува сите сетила во устата велиме дека е долго, затоа што го чувствуваме низ целиот пат во усната длабнатина, односно не се “губи” некаде на половина пат. Значи не е доволно да го почувствувате виното на предното непце, тоа треба да се однесува така се до грлото. И потребно е тој вкус да се задржи што е можно подолго. Тогаш се работи за квалитетно вино.

СЛОЖЕНОСТ. Виното кое постојано ви открива нешто ново, каде што при секое новоотворено шише почувствувате некоја нова дотогаш неоткриена особина, вкус или арома, ако со различна храна се однесува поинаку- тоа е виното кое вам ви одговара. Тоа е вашето вино! И секако квалитетно, зашто само квалитетните вина ја имаат таа особина. А ваше е тоа да го откривате. Виното кое го пиете само за да не ви биде сув ручекот, за кое не размислувате додека го пиете, секако дека не е сложено.

ДЛАБОЧИНА. Тоа би била додатна особина која ја надополнува сложеноста. Се употребува во смисла на тоа да се искаже сложеноста на виното, односно дека не е еднодимензионално, дека има слоеви на вкусови. Тоа значи дека “плитко” вино не може да биде и добро.

ТИПИЧНОСТ. Типичноста е определувањето на виното кон сортата на која припаѓа. Ако се работи за вино направено од сортата мерло, на пример, треба да ги знаеме особините на сортата (вкусови на црна рибизла и слива, генерално). Според тоа ја одредуваме и типичноста, автентичноста на сортата на која припаѓа.

ФИНИШ. Има и уште една особина која се цени посебно. Тоа е финишот, завршницата, вкусот кој останува после пиењето. Тоа е оној вкус кој ви го радува грлото. Ако почувствувате дека ви го гори грлото заради големата алкохолност или ви горчи заради танините, тогаш велиме дека виното во финишот е недоследно, то ест има сомнителен квалитет иако во претходните фази се покажало како интересно. Истата констатација се добива и ако не почувствувате ништо.

Да заклучиме, виното , според некои основни критериуми, го пресудувате самите. Се друго е работа на вкус, на сетила, афинитет, расположение, длабочина на џебот… Всушност и убавината на винското уживање е токму во таа разновидност и индивидуалност. Впрочем , дали сте размислиле ли зошто има толку вина и толку различни вина?