‘Ten barrels’, Шато Камник

(Ten barrels, каберне совињон , Шато камник, алкохол 14%, берба 2011, цена 2520 денари)

Приказната за  тоа како да се направи добро, најдобро, совршено вино, трае безмалку 2 милениума и секогаш почнува одново.

Да се направи најдобро вино, од најдобро, од избрано грозје, со совршена грижа, во безмалку совршени услови, тоа е нешто кон што тежнеат пасионираните винари.

Винарницата Шато Камник од Скопје повеќе години го негува Ten barrels (десет  буриња), каберне совињон од бербата во 2006 година.

Посебноста на ова  вино е на неколку нивоа. Се работи за вино кое се добива исклучиво од сопствени лозја на локацијата Камник, на излезот од Скопје. Грозјето е строго селекциоинирано. Во  процесот влегуваат само  цели зрели зрна без никакви други можни примеси, за што се води строга контрола. Виното се чува цели 22 месеци во десет дабови буриња од 225 литри. Одтаму и името на виното. Се полнат само 3000 шишиња означени со сериски бројки.

Но не само по постапката и ограничената серија виното е навистина исклучително и заради севкупноста на изработката.

Тен Баррелс не е едноставно вино. И по структурата и по комплексноста. Ова, според терминологијата која кај е во оптек кај нас, би било навистина „силно вино“. Не само заради високиот процент алкохол  туку попрво заради фината доминација и складно испреплетување на  мошне широка палета вкусови и ароми. Најнапред да ја нотираме извонредната рубинова боја која под влијание на друга светлост добива шармантна нијанса на виолетово, она што познавачите особено го ценат.

Ќе забележите дека дабот си го направил своето и му дал на виното се  најдобро. Ванилата која, ефект од дабот, е изразена но не претерано за да ги „убие“ другите силни зачински и овошни ароми. Особен впечаток остава аромата на џем, односно конзервирано овошје, која кај вакви вина е особено ценета. Убава арома на чад се постигнува откакао виното добро ќе се спои со воздух. Ако треба да ги опишеме генералните ароми тоа се секако зачините, ванилата, џемот, но  не можат да се заобиколат и  чадот и сувото овошје како и мента аромата која провејува во Тен Баррелс. Кога би го опишале  како вкус – преовладуваат фините киселини кои се одлично вкомпонирани со  алкохолот, кој рековме и покрај значајноста не ги поништува другите состојки. Ова е и танинско вино, но е постината рамнотежата

Затоа Тен Баррелс од производителот е дефинирано како хармонично, но комплексно  со изразито тело. Според начинот на кој е изработено ова вино може да се развие во вистински бисер на македонското винарство.

Амбициозното вино производителот го препорачува и со амбициозна храна – црвени меса, дивеч, јаки сирења, зачинети јадења. Но, ние би додале, дека одлично би оделе со нашите тави, мусака, турлитава, јагнешко печено…

Се препорачува декантирање пред  употреба на температура од 14 до 16 степени. Би додале – отворете го виното еден час пред служењето.

Цената му е исклучителна, какво што  е всушност и самото вино.

А.Шољаковски

No Comments Yet.

Leave a Reply