GRAND CRU – ШТО Е ТОА?

Сте забележале можеби дека на некои етикети на најдобрите француските вина од Бордо стои ознаката GRAND CRU или PREMIER CRU, DEUXIEME CRU… или само CRU. Оние кои сакаат добри вина и се интересираат малку повеќе за виното, сигурно се запрашале што означува таа.
GRAND CRU или само CRU (се чита гран кри, ) значи дека виното е изведено од посебно добра почва, мини регион со микроклиматски особености, која се одликува по исклучително добрите резултати на самиот квалитетен и познат регион. Некаде тоа е одредена комуна, село или посебен винороден имот. Некогаш пак од одредена падина, каде што соседната парцела веќе не е тоа.
Уште во античкиот Рим, одредени почви и терени во виноградарските региони имале посебна репутација заради квалитетот на добиените вина. Тие се издвојувале од самиот регион или од местоположбата на парцелата, заради изложеноста, височината, според тоа дали се од средината или од долниот или пак од горниот дел на лозјето. Во Средниот век , калуѓерите воделе извонредна грижа за распознавање и одередување на најдобрите парцели, најдобрите почви, најдобрата изложеност на сонце.
Во одредени региони во Франција и Италија постојат и многу подрегиони кои пак исто така се номинираат како вина од GRAND CRU. Во Бургундија , прославената француска винска област, за вакви вина се користи називот CLIMAT што би требало да означува дека е тоа вино од парцела или дел од лозје со поспецифични климатски влијанија од другиот околен дел на насадите, односно носи име на тоа место или локација. Во средниот век калуѓерите, кои биле најзначајни винари во тоа време, утврдиле хиерархија на почвите според квалитетот на виното кое од нив се добивало. Тие главно важат и денес.
Во средината на 19 век овие класификации според теренот и почвата биле регистрирани и на сила до ден денес. CLIMAT претставува ентитет кој може да биде поделен на повеќе различни сопственици. Значи, има различни вина кои се произведуваат на одредена почва со сопствени добри особености заради микроиклиматските осбености на одредено место. Тоа е дел од тој огромен диверзитет на француските вински региони, во случајов на Бургундија.
Климатски одредените вина во Бордо се класифицираат на етикетите како PREMIER CRU во рамките на одреден AOC (контролирано географско потекло). На врвот на оваа специјална хиерархија на почвени особености се вината grands crus кои се изведени од едно парче територија кое долго време било познато по своите високи квалитети.
Во Алзас, историски најдобрите терени се класифицирани во последниве педесеттина години и (правени според методот од Бургундија), според местата каде се наоѓаат-Шлосберг, Сомерберг, Шенбург, Туркхајм, но и според сортите на грозје (ризлинг, сив пино, траминер и мускат). Но има и производители кои не сакаат да ги именувата своите вина со GRAN CRU, но тогаш се работи за исклучителни винарии и производители кои пак инсистираат на некои свои особености.
Кај шампанското ознаките PREMIER и GRAN CRU одговараат на одредени комуни, а не на парцелите, зашто таму лозарите на грозје го продаваат своето грозје на големите винарии производители. Па така, според откупните цени уште пред еден или два века, се создавала класификацијата на квалитетот во одредени вински заедници. Се создала скала на вредност од 80 до 100% и според нив се одредувала цената. Значи, еден регион имал одредена скала на вредност и според него и соодветна цена. Оние кои на скалата се вреднувале со 100% биле GRAN CRU, оние со класификацијаод 90 до 99% се PREMIER CRU . Другите, под 90%, се во рамките на „останати“. Само да напоменеме дека просечната цена на килограм грозје во Шампања е над пет евра!

Овие француски квалификации можат да се споредат со нашите, направени во последниве години. Винарницата ТИКВЕШ прави такво рангирање, според посебноста на теруарот, со своите вина од Бела Вода, во велешкиот регион и Барово во тиквешкиот.
Но најблиску до тоа е сепак доменот Лепово или Лепово Брдо од каде што излегуваат три исклучителни вина Grand Cuvèe, Pinot noir и Chardonay.

Comments are closed.