Пиевме за вас

Вино за празници
(Винарница ТИКВЕШ, Cabernet & Merlot, special selection, oak edition, берба 2015, алкохол14,5, цена 400 денари)

Александар Шољаковски
Винарницата ТИКВЕШ не престанува да нè изненадува. Овојпат со една асамблажа која несомнено заслужува внимание. Спојувањето на нобл сортите на каберне совињонот и мерлото, според големата бордо традиција, во случајот на ТИКВЕШ ја потенцира посебноста на поднебјето. Oваа асамблажа не само што ги истакнува карактеристиките на сортите кои, патем речено, даваат извонредни резултати во тиквешкото поднебје, туку додатно прави уживање со посебноста и карактерот на ова вино.
Cabernet & Merlot, Oak edition, ќе ве освои на прв поглед со својата продлабочена рубинова боја. Потоа следи освојувањто преку овошните ароми, но овојпат зачинети со благо дозирана арома на црн пипер, која на моменти може да ве потсети и за на крајот да се слее и со други зачини кои се плод на вашата имагинација. А тоа несомнено додава во меморирањето на добрата содржина во чашата. Се работи за вино со полно тело, кое пак, дава одличен финиш. Тоа значи дека на ова вино ќе се сеќавате, кога повторно ќе му се навратите ќе се присетите на првата средба со него. Киселините се добро врамнортежени, што пак им дозволува на вкусовите на црните плодови (рибизла , капина, боровница… карактеристични за овие сорти) да дојдат до израз. Респектибилната алкохолност од 14,5 проценти не ги покрива аромите. Кон ова придонесува и престојот на ова вино во нови дабови садови (12 месеци) што го прави посебното доживување.
Богато со ароми, уште повеќе со вкусови Cabernet & Merlot, Oak edition, на најдобар начин ја сублимира и надградува веќе одомаќената и востановена одлична линија на Special selection. Ова доаѓа како предизвик на она што би се рекло – “а сега пробајте и вака!” А тоа значи и побогато и повеќеслојно, што ја скокотка фантазијата на уживателите на добри вина.
Ова одлично вино бара и добра храна. Во пресрет на празниците кои следат во овој декември во јануари кои подразбираат и богата трпеза, Cabernet & Merlot, одлично ќе се сложи со повеќето печени меса од јагнешко до прасешко, но и месо од мисирка. За сармата и да не говориме.
Оваа линија е типична за вината од новиот свет и токму затоа изгледот на амбалажата е и по тој тренд што може да се забележи преку типот на затварање. Имено производителите на вината од новиот свет се помалку користат плутени затварачи и користат стелвин затварачи и за премиум вина. Металните капачиња се покажаа како одличен презерватор на добрите вина, рамни на плутениот затворач. Тоа е иновација и навестување дека во винарството работите постојано се менуват.

No Comments Yet.

Leave a Reply