Во жената е вистината

Виното и жената секогаш оделе некако заедно. Дали за тоа имаат заслуга уметниците или е причината самото вино, не се знае. Но од дамнина овие две работи секогаш оделе во пар

И врската помеѓу еротиката и виното стара е колку и самото вино. На оваа тема пееле и пишувале, сликале или компонирале многу уметници. Жената била муза на уметноста, виното било директната инспирација. Откривањето на вината одело рака под рака со откривањето на жените. Постојано биле споредувани. Од она легендарното дека жената како старее така станува подобра, до констатацијата дека жената е како вино затоа што и таа е единствената комбинација на мноштво слатки тајни.

Без разлика, врската помеѓу виното и жената и еротското е нешто што е евидентно. Виното, на пример, се рекламира со жени најчесто иако главните пијачи се  мажите. Дали жената е конкуренција на виното или е тоа обратно? Вистината е на средината, со блага предност  за жените.

Каде е вистината?

Иако е безвременска, изреката дека во виното е вистината сите ќе се сложат дека кога се работи за жените има повеќе вистини. Велат дека жените не се секогаш исти кога ги доживувате заедно со виното. Кога ги гледате со првата чаша тогаш тие и не мора да бидат нешто многу посебни, но затоа стануваат убавици после третата, а после петата ... тогаш е сеедно. Ова е шеговит и мачоистички приод пар екселанс, но секако е потпора на фактот дека мажот со виното добива повеќе храброст, повеќе возвишеност и повеќе доблест, откако во играта на заведувањето ќе ја стави и чашата вино. Дали тоа говори за неговиот карактер  не е битно. Битно е дека виното ја помага комуникацијата. Замислете си само колку контакти, колку врски, колку големи љубовни приказни и уметнички дела посветени на жената и нејзината сензуалност не би биле можни да не биле потпомогнати од виното.

Толкувањето на латинската сентенца дека во виното е вистината, многумина ја  толкуваат поинаку од вообичаеното сфаќање дека пијаниот го кажува она што трезниот го мисли. Повеќемина ќе ви кажат дека оваа поговорка е повеќе во смисла на она што го говоревме, дека да не е виното многумина не ќе можеле да си ги искажат оние убави љубовни чувства и не би се оствариле многу значајни врски.

Од тие врски се родиле уметнички дела и се безвременски зашто еднакво говорат и оние праисториски цртежи и делата на најголемите современи уметници, писатели, фотографи. Кога сме кај фотографите треба да се напомене дека безмалку не постои уметнички фотограф кој во некоја доба од животот не се занимавал со еротска фотографија, а ретко кој ја избегнал и темата вино. Ова е безмалку фотографска опсесија.

Празници и вино

Празниците и виното се секогаш поврзани. Симболиката на виното и празнувањето потекнува уште од предантичките времиња. Боговите на радоста, љубовта и виното, оделе секогаш рака под рака. Жената пак е неодминливиот актер во тие празнувања.

Таман  завршивме со Свети Трифун алијас Валентајн, еве стигна и празникот на жената. На овој празник кој е и своевиден предвесник на пролетта. Со тоа  жената добива на симболика.

За овој ден кога се празнува редно е да се отвори и шише добро вино. Кое вино би било соодветното? Има вина посветени на верски празници, за вљубени, за крштевки... Но никој досега не се сетил да извади и вино за жената и во нејзина чест.

Но тоа не ги спречува мажите за овој ден на жената да изберат некое вино кое ќе биде  соодветно на приликата. Со тоа ќе покажат колку си ја ценат и сакаат партнерката, колку внимаваат и го познаваат нејзиниот вкус.

Погодете го вкусот

Сте се запрашале ли кој е вкусот за вино на вашата сопруга, девојка, партнерка, пријателка, симпатија, на онаа која сакате да ја освоите, но не знаете како. Кај мажите е познато тоа дека љубовта оди преку стомакот. Но како е тоа кај жената?

Ако се определите  на својата партнерка да и се приближите со вино знајте дека тие многу ја сакаат црвената боја на виното, повеќе од онаа на белите иако, нели, се смета дека жените повеќе сакаат бело вино. Добро би било да најдете вино кое ќе биде нешто посебно, некое за кое сте сигурни дека досега  не го пробала. Ако е врската страстна тогаш добро ќе помогне некој „плавец“ или „вранец“. Ако е попрво интелектуална, тогаш некој префинет „совињон блан“ или „пино нуар“ ќе завршат добра работа. Ако сте на прагот на вљубувањето некое пенливо вино ќе биде идеално. Пеперуртките во стомакот ќе проработат подобро.

Секое добро вино е добро за оваа пригода. Зашто виното се смета за идеален толкувач на вашите емоции и расположение.

Затоа ако сте грешеле многу минатата година, а грешките, нели, се плаќаат, бидете издашни во покривањето на грешката и земете некое француско шампанско. Ако сакате да  влезете во интимна врска нека биде тоа некое добро странско вино. Италијанско “кјанти”, на пример. Но и розе вината, кои се се попопуларни, ќе завршат работа. Тие се неутрални и не обврзуваат, не се ни бели ни црвени, а го даваат задоволството. Ова е препораливо за оние кои се уште се преиспитуваат за наредните чекори во врската.

“ Шардонеата” се шармантни, но сепак избете некое подобро зашто шармот си бега кога ќе почувствува лошо вино.Рековме за “вранецот” дека е страстно вино, а таков е и “ширазот”.

Завршете со некое слатко вино. Тоа жените го сакаат.

No Comments Yet.

Leave a Reply