ВИНСКИ ЛЕГЕНДИ

Времето на Роберт Паркер

Роберт Паркер е неспорно најголемата фигура во светот на виното безмалку 30 години. Интересот за него и неговите оценки никогаш не спласнува

Роберт Паркер или „винскиот адвокат“, на свои 67 години не престанува да го скокотка интересот во винскиот свет. Што ли ќе каже, каква оценка ќе даде, што мисли, тоа се прашања кои ги поставуваат сите заинтересирани во и за винарството. Неспорниот гуру, големиот судија кој пали и гаси во светот на виното, обезбедува милионски превреднувања во оваа област, постојано е и предмет на  шпекулации од типот „готов е“, „го продаде својот бизнис“, „неговото време поминало“ и така натаму. Едно е евидентно: сите прогнози досега не се оствариле. Зашто Паркер и понатаму е неспорен арбитар во модерното винарство. А тоа трае триесет години. Некои винари и вински трговци не можат да го смислат затоа што нивните вина не биле добро оценети. Други пак му се благодарни зашто со своите оценки ги збогатил и ги направил нивните вина  познати во светот. Го обвинуваат дека  создава расположение да се воспостави одреден вкус и стил, то ест „паркеров вкус“. За тоа кој е вкусот кој Паркер го претпочита напишани се на стотици текстови, со исто толку посебни тврдења и теории. Едно е точно дека и оние кои го сакаат и оние кои го мразат сепак се приклонуваат кон стиловите на вино кој Паркер ги оценил високо. Некои сакаат да  потенцираат дека  инспирирал своевидна Паркер енологија по која се поведуваат големите имиња од винската наука. Но неспорно е дека Паркер и неговите оценки ја имаат кредибилноста, дека својот суд го нема искомпромитирано на ниеден начин, а неговите оценки се како своевиден  „оченаш“ за генерации љубители и познавачи на виното.

Да потсетиме Паркер веќе неколку години ги оценува вината на ТИКВЕШ и им дава вредни оценки, вредувајќи ги во класата на особено добри вина.

Интересно е да се каже дека Паркер нема наследство и воспитување, ниту фамилијарно, ниту  роднокрајско, а кое би го насочило кон виното. Роден е во Мериленд во САД каде што немало никаква традиција  на вино. Тој случајно и релативно доцна го открива виното. Според негови кажувања како студент, на 21 година, оди да ја посети својата девојка идна сопруга која била на студии во Стразбур, Франција. Во ресторан сакале да нарачаат пијалок со јадењето, кока-колата им била скапа , па зеле некое обично вино кое било поефтино. Практично, во тој момент  тој за првпат пробал вино, но веднаш се фасцинирал и знаел дека тоа ќе му биде животна преокупација. Оттогаш, секоја година летата ги поминувал низ Франција и  се запознавал со виното. Сфатил дека има исклучителен нос и непце и дека ужива во виното и има меморија за него. Вели дека надвор од професионалниот дел, секоја вечер пие вино и  има намера тоа да го прави до крајот на животот.

Го отпишувале повеќепати особено откако пред две години на една финансиска групација од Сингапур им го продаде својот бренд  „Вински адвокат“ односно списанието кое се печатеше во 50.000 примероци со годишна претплата од 75 долари за 6 броја.

Како и да е неговото место во историјата на виното е длабоко запечатено. Неговото скалило на оценки од 100 пооени е релевантно и како перцепција за страствениците на виното. Неговите сто поени значат од до ѕвездите, но и одземањето на  еден или два поени за некоја нова берба, е пад од голема височина. Зашто, неговите оценки  се читааат внимателно и практично тие раководат со една раширена берза на вино која врти стотици милиони долари и која  годишно има растеж од преку 11 проценти  за што класичните берзи можат само да сонуваат.

Големо вино според Паркер

Роберт Паркер објаснува што подразбира  под квалификацијата „големо“ вино:

1.Виното мора да придонесе во хедонистичкото и интелектуалното задоволство. Едноставно - од една страна треба да биде вкусно, пријатно и да кажам отворено, да опива, а од друга страна - интересно и сложено. Мора да има нијанси и да се менува во чашата.

2.Сложеноста на длабочината на аромите не треба да биде проследена со  некој тежок вкус. Размислете! Дали би можеле да испиете цело шише од одредено вино. Направете споредба со храната. Што е добро јадење? Она кое обилува со пријатен вкус и мирис, но е тешко, или она кое притоа е лесно и свежо?

3.Големото вино ја има способноста да го прикове вашето внимание и толку да ве заинтересира што и после многу време посакувате повторно да го пробате. Тоа е како познанството со некој човек: со некого сакате да си поразговарате, но после тоа веќе на него нема да се сетите, а некој ќе ви прирасне за срце и секогаш на него ќе се сеќавате со голема радост.

  1. „Големи“ можат да бидат само долговечните вина, оние кои се развиваат, менуваат и со време стануваат се посложени. Така е и со луѓето - оние кои се секогаш исти, никому не се интересни.
  2. Виното мора да има своја индивидуалност, карактер, харизма. „Големите“ вина не личат едно на друго, исто како и големите луѓе. Тие имаат нешто што ги издвојува од толпата.

No Comments Yet.

Leave a Reply