Вината на „Тиквеш“ со 13 награди и признанија на „Декантер“

Сите вина на „Тиквеш“ пријавени на најмасовниот светски вински натпревар „Декантер“ во Лондон освоија награди. Од вкупно 16.000 пријавени вина од целиот свет, винарската визба „Тиквеш“ освои вкупно 13 награди, од кои 7 бронзени медали и 6 признанија.

Конкретно, бронзени медали добија следните 7 врвни вина на „Тиквеш“: „Домен Лепово Гранд Куве 2013“ и „Домен Лепово Шардоне 2014“; „Гренаш бланк“ и „Шардоне“ од серијата „Спешл Селекшн“, берба 2015-та; „Александрија Куве“ 2014, црвено; како и „Бела вода“ црвено од бербата 2013-та и „Барово“ црвено од бербата 2012-та. Покрај медалите, овие вина добија и одлична препорака од судиите-оценувачи во која тие меѓудругото констатираат дека се работи за „одлично направени вина, пријатни, со изразен карактер, вина за уживање“.

„Задоволни сме што и оваа година одлично поминавме на ,Декантер’, каде традиционално се присутни сите позначајни прозводители на вино во светот. Континуирано расте бројот на награди на годишно ниво и во последниве години бројката достигнува над 50 награди и признанија годишно, што секако нѐ позиционира нас како винарница, но и Македонија, високо на светската винска мапа. Од почетокот на оваа година нашите вина освоија повеќе од 40 награди и признанија со што сме на добар пат да го повториме успехот од претходните години. Наградите освоени на интернационалните вински натпревари се доказ дека нашата определба за инвестирање во квалитетот носи рeзултати, нашите врвни вина се препознаени и се консумираат на најзначајните светски пазари“, вели генералниот директор на винарската визба „Тиквеш“, Игор Илиевски.

ВВ „Тиквеш“ традиционално, секоја година освојува голем број награди на „Декантер“ во Лондон, натпревар кој според бројот на пријавени вина е еден од најмасовните и најценетите во светот. Постојат многу податоци кои говорат за големината и значењето на овој натпревар, а еден од нив е и бројот на судии кои се задолжени за оценувањето на вината. Имено, во извршување на таа задача оваа година учествувале дури 244 судии кои за 5 дена ги одредиле најдобрите од над 16.000 пријавени вина. Оттаму, освоените признанија на овој натпревар, имаат навистина големо значење, како за познавачите, така и за љубителите на виното од целиот свет.

No Comments Yet.

Leave a Reply